Напишаа за нас · TV Roma

Пат кон подобра иднина: Мартин Халик ги менува животите на ромските деца преку образование

TV Roma · 11 февруари 2025

Мартин Халик и неговото семејство стојат зад идејата да се создаде средно училиште за деца од ромските населби, за да им дадат подобра шанса за образование и иднина. Веќе повеќе од осум години им помагаат на ромските заедници, а нивната цел е преку образованието да донесат трајна промена.

Зошто е важно образованието?

Веруваме дека работата со децата и образованието се клучни за добрите промени во ромските населби. На младите сакаме да им дадеме можност да стекнат вештини преку кои нивниот интерес за технологии или за готвење ќе го претворат во занает што ќе им донесе стабилна работа. Нашата цел е да отвориме средно училиште насочено кон ИТ и промотивен графички дизајн, како и смер готвач. Учениците ќе имаат прилика да научат да програмираат, да работат со графички програми или да стекнат готвачки вештини.

Образованието е за овие деца клуч до подобра иднина. Мартин Халик и неговиот тим научија повеќе од 140 деца да читаат и пишуваат и им помогнаа на многу семејства да го променат односот кон животот. Некогаш зависни од социјална помош, денес многу родители веќе работат и сакаат на своите деца да им обезбедат подобра иднина.

Како ќе функционира средното училиште?

Првите деца се веќе подготвени да тргнат во средно училиште. Во соработка со Средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Михаловце, ќе имаат индивидуална настава директно во Кленовец. Децата ќе патуваат на испити во Михаловце секој месец.

Покрај тоа, веќе неколку години организираме курсеви по yидарство, информатика и готвење, за постепено да ги подготвиме децата за средното училиште.

Проблеми со кои се соочуваме заедно со децата од ромските населби

Многу деца од ромските населби посетуваат специјални училишта, што подоцна им ги отежнува шансите за квалитетно образование. Затоа се насочуваме и кон подготовка за разликовни испити, за децата да можат да го дополнат потребното образование. Во ромските населби вообичаено е луѓето да немаат ни образование ни работа и да живеат само од социјална помош. За многу семејства е финансиски тешко да ги испратат децата во средно училиште. Сакаме да им подадеме рака и да им го олесниме тој пат.

Како можете да им помогнете на овие семејства?

Досегашните активности се финансираат претежно од сопствени средства на основачот на ХРМ, Мартин Халик. Вашата помош ќе ни овозможи да вработиме наставничка по словачки јазик, која ќе им помогне на децата да се подготват за матурата, и да го прошириме тимот со асистенти за индивидуална настава. Добиените средства ќе се употребат и за набавка на наставни помагала, намирници за готвачката пракса и за покривање на трошоците за превоз. Вкупните трошоци за првата година од работата на училиштето изнесуваат 40 000 €, од кои се плаќаат и платите на наставниците по ИТ, математика, готвење, англиски и руски јазик.

Работата на ХРМ носи вистински промени во ромските населби:
100 % од татковците во семејствата работат и ги издржуваат своите семејства (претходно само 25 %)
80 % од младите по завршувањето на училиштето најдоа работа наместо да живеат од социјална помош
Повеќе од 140 деца научија да читаат и пишуваат, што им ги отвора вратите кон подобро образование

А кој е тогаш Мартин Халик?

Мартин Халик е талентиран дизајнер, кој работел како главен дизајнер во чешкиот стартап Kiwi.cz. Имал изгледи за важна кариера, но животот му се променил кога ја посетил ромската населба и ја видел тамошната сиромаштија. Решил да постапи, се преселил на неколку месеци во населбата и почнал да помага.

Денес ја води Христијанската ромска мисија (ХРМ) заедно со сопругата Михалка, психолог, која се посветува на децата. Нивниот тим постепено се прошири со родителите на Мартин и со други волонтери, кои помагаат во образованието на ромските деца.

Преземено цело, онака како што е објавено: TV Roma, 11 февруари 2025. Оригинален напис или видео →

Повеќе вести и репортажи →